Занимливости
Историски занимливости за храната

Можеби сте се заинтересирале кога за првпат е направено брашното и кои биле првите пекари? Од што се прави шеќер и кога луѓето го направиле првиот сладолед и од каде потекнува терминот „бонбони“? Прочитајте неколку интересни факти и занимливости околу храната уште во примитивните времиња.

 

Од кога луѓето прават пиво?

Приготвувањето на пивото е еден од најстарите занаети на човекот. Глинените плочки сочувани од древниот Вавилон, кои се направени од пред 8.000 години го опишуваат процесот на приготвување на пивото. Во Вавилон пиварството се усовршило до таа мера што Вавилонците, уште 4.000 пред новата ера, приготвувале 16 видови пива, а во древниот Египет пивото претставувало значаен составен дел од секојдневната исхрана, при што Египќаните веќе правеле 3 вида пива. Дневницата што фараонот му ја плаќал на селанецот изнесувала четири векни леб и две чаши пиво.

 

Како е пронајдено кафето?

Кафето се одгледувало уште од XV век во Источна Африка, а Холанѓаните почнале да одгледуваат кафе на островот Јава уште во XVII век. Постои легенда дека пред илјада години некој Етиопјанин го привлекол пријатен мирис од една запалена дива грмушка при што скинал и сожвакал неколку зрна. Нивниот вкус толку му се допаднал што од нив сварил пијалак и така го открил црното кафе.

 

Каква била примената на путерот порано?

Путерот е еден од најстарите и најраспронетите состојки во човечката исхрана, меѓутоа во старите времиња во многу делови на светот тој не бил употребуван за храна. Индусите путерот го принесувале како жртва на боговите, а Грците и Римјаните не го јаделе, туку го употребувале како лек за рани на кожата. Стопениот путер во древните времиња претставувал ценета намирница. Во Шпанија путерот можел да се најде само во аптеките.

 

Каде првпат е направен сладоледот?

Првиот сладолед е направен некаде на Исток. Славниот истражувач Марко Поло видел како луѓето таму јадат сладолед и таа идеја ја донесол со себе во Италија, а оттаму е пренесена во Франција. Првата фабрика за правење сладолед во Америка е основана во 1851 година, меѓутоа вистинското производство се развило по 1900 години.

 

Од каде потекнува името на бонбоните?

Уште околу 500 години пред новата ера, Персијците знаеле како се производува шеќер во цврста состојба и називот за белиот шеќер бил „канди-седиф“. Оттука потекнува и англискиот назив за бонбоните.

 

Од што се прави шеќер?

Жителите на Европа за шеќерот дознале дури во крстоносните војни. Во тоа време го употребувале Арапите, а народите од Индија знаеле да прават шеќер од шеќерна трска повеќе од стотици годинини пред почетокот на новата ера. Под шеќер денес подразбираме стотици состојки со сладок вкус. А тие состојки се создадени од три хемиски елементи: јаглерод, водород и кислород. Количеството на јаглерод во шеќерот може да биде различно, но водород има секогаш двапати повеќе од кислород. Самите растенија создаваат шеќер од јаглендиоксидот. Овој шеќер се наоѓа во растението додека не е потребен за создавање на семето, влакната или материите потребни за растење.

 

Кога првпат е направено брашното?

Историјата на брашното нè води далеку во минатото, до предисториските времиња. Житните зрна се најстарата човекова храна, а мелењето на жито можеби еден од најстарите човекови занаети. Во прастарите времиња, пред да започне цивилизацијата, луѓето веројатно јаделе цели зрна жито, сосема сурови или ги печеле. Откако откриле дека полесно се жвакаат ако претходно се издробат, ги ситнеле со камен. На тој начин, лушпите се разбивале, а јадрото се ситнело и се претварало во брашно.

 

Кои биле првите пекари?

Египќаните веројатно први почнале да прават леб околу 3.000 години пред новата ера. И старите Евреи знаеле за лебот, меѓутоа без квасец и печен во тенки листови. Квасецот го пронашле Египќаните, кои правеле леб во вид на векни. Парчиња од тој прастар леб се најдени во древните египетски гробници.

 

 

 

 

 
User registration is not enabled

Најави се

Како регистриран корисник ќе можете да: