„Игра на тронови“ е американска фантастична приказна создадена врз основа на серијата на романи напишани од Џорџ Р.Р. Мартин – „Песна за мраз и оган“. Во последните години серијата стана и светски телевизиски феномен со многубројни фанови. Доколку сте еден од нив, тука може да ги дознаете гозбите на ликовите во оваа епско-фантастична приказна, благодарение на популарната книга со рецепти од серијата. Ви го претставуваме менито врз основа на неколку типични оброци во Седумте кралства.
Појадок
„Појадок кај Сурозимјето“ – за оние кои ги чека долг и напорен ден!
- 2 јајца
- 6 парчиња сланина
- 4 мали парчиња селски леб
- путер, мед и слатко од шумско овошје
- сирење
- 2 кесички чај од нане
Згответе ја сланината по желба. Додека сланината се готви, испечете го лебот, намачкајте го со путер и додајте слатко или мед (или и двете). Кога сланината ќе биде готова, ставете ја настрана и покријте ја со чинија за да не се олади.
Упатство за јајцата:
Наполнете сад до половина со вода и доведете ја водата до вриење. Внимателно ставете ги јајцата да се варат. Варете ги јајцата околу 4 минути.
Внимателно извадете ги јајцата од топлата вода. Ставете ги на држач за јајце или во вдлабнатина од леб. Отстранете 1/3 од лушпата. Жолчката ќе биде ровка така да најдобро е да ги јадете со мала лажичка.
Подгответе си и чај од нане и уживајте.
Ручек
„Говедска чорба со јачмен“ – сепак, потребна е поголема енергија за продолжување на денот!
- 453 грама говедско месо исечено на мали парчиња
- 4 лажички путер
- 113 грама исечени печурки
- 1/2 чаша ситно сечкана репка
- 1-2 моркови, ситно исечкани
- 10 главици кромид
- 3 чешниња лук, мелен
- 3/4 чаша јачмен
- 6 чаши вода
- 1 чаша црвено вино
- 2 чаши говедска супа
- 1 лажиче мајчина душица
- сол и бибер по вкус
- 2 лажици путер
Ставете половина од путерот во тава и ставете го месото да се пржи. Потоа тргнете го на страна. Додајте го остатокот од путерот, заедно со печурките, репката, морковот, кромидот и лукот. Гответе само неколку минути, додека печурките не омекнат. Внимавајте зеленчукот да е целосно покриен со путер.
Ставете ги месото, зеленчукот, и сите други состојки во голем сад. Вријте ги на средна температура најмалку еден час, со додавање на дополнителна вода или супа како јачмен.
Скробот од јачменот ќе ја згусне супата.
Ужина
„Дотраки крвава пита“
- Тесто: 2 1/4 чаши брашно, 1/2 лажичка сол, 3/4 чаша топла вода
- Фил: 2 чешниња лук, мелени; 1 мала главица кромид, мелена; 226 грама јагнешко месо, 226 грама крвав колбас, неколку чаши растително масло за пржење.
Измешајте ги состојките за тестото. Поделете го тестото на половина и секоја половина исукајте ја во форма на јаже. Јажињата исечете ги на 5-6 парчиња, кои ќе ви даде вкупно 10-12. На побрашнета маса, наново секое парче тесто расукајте го во тенок круг.
Врз секој од дисковите тесто, ставете 3-4 лажички од измешаниот фил, а потоа преклопете ги и затворете ги (треба да личи на затворена пица).
Во меѓувреме, загрејте го маслото на највисока температура и ставете ги питите да се пржат околу 5 минути. Префрлете ги на хартија да се исцедат од маслото и послужете ги топли или ладни.
Вечера
„Пилешко месо со мед“ – идеална вечера за неочекуваните борби што следат во ноќта.
- 1 цело пиле за печење
- маслиново масло / путер (~ 1 лажица)
- сол
Сос:
- 1/2 чаша јаболков оцет
- 1/3 чаша мед
- Нане, суво или свежо (1 кафена лажица)
- Мал грст суво грозје
- ~ 1 супена лажица путер
Пилето премачкајте го со путер или со масло и посолете го. Така пилешкото месо ќе биде повкусно и покрцкаво. Печете го во загреана рерна на 230°C околу 1 час за да добие убава боја.
Во меѓувреме подгответе го сосот: измешајте ги состојките во тава на оган и убаво промешајте. Тргнете од оган и полијте го сосот врз печеното пиле.
Десерт
За успешен завршеток на денот – „Јагоди и лимонова трева“
- 1/4 чаша мед
- 1/4 чаша медовина (стар алкохолен пијалак од мед, сличен на вино)
- 1 кафена лажица рендан ѓумбир
- 1 супена лажица мелена лимонова трева
- 450 грама јагоди
Комбинирајте ги сите состојки освен јагодите во мала тава. Гответе на тивок оган колку медот и медовината да се стопат заедно, околу 3-5 минути. Тргнете од оган и оставете да се излади.
Подгответе ги јагодите со отстранување на дршките и исечете ги на парчиња. Ставете ги во сад и прелијте ги со сосот. Служете ги јагодите топли или оладени со чаша медовина или чаша од сосот кој го подготвивте.
Добар апетит!