За да можете брзо и лесно да ги подготвите јадењата, важно е во каква тава, тенџере или лонец ги готвите. Секако дека може да се готви во сè, но не е лошо да ги знаете предностите и маните на садовите од различни материјали.
Дебело дно само за вриење
Садовите од нерѓосувачки челик најчесто се производи со дебело дно. Лонецот со вакво дно е одличен за јадења кои подолго се варат бидејќи готвењето продолжува дури и од кога ќе го исклучите шпоретот. На тој начин се троши помалку струја, јадењето побрзо се припрема, а топлината подолго останува.
Чувајте го тефлонскиот слој
На овој сад сме навикнати и со задоволство го користиме. Производителите, а и сите кои предупредуваат за заштита се сложуваат дека овие садови се сосема безопасни се додека не се оштетат. Затоа е најдобро после употреба да ги измиете само со топла вода и да ги избришете со хартија. Важно е да купувате од проверени производители, а штом се оштети садот веднаш да го смените.
Емајлираниот сад не трпи удари
Садовите од емајлиран челик можат долго да траат и погодни се за секаков вид готвење. Не се отпорни на удари, затоа внимавајте да не се оштетат при удар или пад.
Емајлираниот сад е чувствителен и на нагли промени на температура. Затоа никогаш не ставајте студен сад на врел шпорет за да не се создадат пукнатини.
За садовите од глина треба подготовка
Глинените садови се многу здрави. Освен што при паѓање лесно ќе се скрши, овој сад може долго да трае ако ги припремите за употреба.
Новиот глинен сад загрејте го, во внатрешноста премачкајте го со масло и оставете го така неколку часа. Потоа измијте го со млака вода, исушете го во рерна и тогаш може да се користи.
Внимателно со огноотпорните садови
Садовите од огноотпорно стакло не се многу популарни, иако се тврди дека се најздрави за употреба. Може да поднесат високи температури, меѓутоа се чувствителни на нагли промени на температурата.
Затоа, огноотпорниот сад не го ставајте директно од фрижидер во рерна, туку прво добро исушете го однадвор.