Занимливости
Неколку совети за успешна и слатка зимница
Шеќерот и високите температури се услов за добрата и слатка зимница. Овошјето кое ќе го подготвите за зимата можете да го замрзнете, да го сварите за џем, пекмез, мармалад или да го претворите во домашен сок. Ви нудиме неколку совети за успешна и слатка зимница.
- Одберете секогаш зрело овошје за зимница. Не користете презрели овошки бидејќи во таквите нема доволно пектин и побрзо се расипуваат.
- Површината на овошјето е покриена со микроорганизми кои може да ја расипат зимницата. Затоа треба внимателно да ги измиете, парче по парче, без разлика дали ќе ги лупите или не. Целосните плодови најпрво потопете ги во вода 5-10 минути, исечете ги на еднакви делови и мијте ги под млаз ладна вода, оставете да се исцедат и распоредете ги на тоалетна хартија за да се исушат.
- Овошјето чистете го непосредно пред припремање на зимницата.
- Пред да започнете со подготовката, проверете ги теглите. Изберете чисти тегли и шишиња кои поднесуваат висока температура и ставете ги во врела вода. Не ги бришете со крпа, туку оставете да се исцедат и потоа стерилизирајте ги во рерна. Теглите никогаш не ги полнете со овошјето до врвот, оставете 1-2 сантиметри простор. Полнете ги лажица по лажица од зимнинцата и потоа замотајте ги во весник или стари крпи за да не се допираат меѓусебно. Се чуваат на темно, суво и ладно место.
- Исчистеното овошје варете го во длабок лонец за да не претече содржината кога ќе зоврие. Варете го со слабо мешање, ни предолго ни прекратко и отстранувајте ја пената. Погрижете се ножевите, цедалките и другиот метален прибор да немаат трагови на рѓа.
- Зимница се добива и без варење на плодовите: исчистеното овошје ставете го во шишиња, ред овошје, ред шеќер и оставете на сонце подолг период додека не се добие сок и не се стопи шеќерот. Можете да додадете и алкохолен пијалак. Ставајте правилна количина шеќер – овошјето со поголема количина вода најпрво варете го на висока температура за да се згусне, а потоа измерете колку шеќер е потребно.