Сонцето отсекогаш претставува извор на здравјето и животот, а сончевите зраци многу делотворно влијаат на нашето тело. Затоа, сончањето придонесува за здравиот и убав изглед на кожата, но само ако се користи на правилен начин. Секое претерување не е добро, така и со сончањето – неправилното изложување на сончевите зраци може да биде опасно, особено ако имате осетлива кожа.
Правила за сончање
Доколку сакате убаво потемнета кожа, не дозволувајте да ја продираат сончевите зраци кои паѓаат во права линија (во попладневните часови). Во тој период зраците навлегуваат длабоко во кожата и штетно делуваат за здравјето. Најопасно е сончањето попладне, кога сончевите зраци продираат во кожата под прав агол. Со тоа, најдобро и најздраво време за сончање, кога кожата најдобро ќе потемне, е рано наутро, претпладне од 8 до 10 часот или по 16 часот попладне. Исто така, за кожата е од голема важност навикнувањето на сонце – потребно е постепено прилагодување на кожата на сонце и постепено сончање. Користете го утринското сонце една недела пред да заминете на годишен одмор и сончајте се по половина час – така ќе избегнете црвенила на кожата, изгореници и сончаница.
Заштита од сонце
Пред да се изложите на сонце, потребно е да ја заштитите кожата со масло, крема и други препарати со фактор за заштита на кожата. Тоа е особено правило за осетлива кожа и за првото сончање. Препаратите за сончање бирајте ги според квалитетот кој одговара на Вашата кожа и според јачината на сонцето. Внимавајте доколку сте алергични на одредени состојки или ако кремата претерано ја масти или суши кожата. Ако кожата е масна – потребно е да користите препарати на база на алкохол, а за сува кожа секогаш се препорачуваат помасни креми. За заштита на лицето користете посебна крема за лице и осетлива кожа, а за пределот околу очите користете маст на база на ланолин.
За ефективно потемнување
Во принцип, средствата за побрзо потемнување на кожа и разните лосиони не се препорачуваат бидејќи може на тој начин дополнително да ја оштетите кожата и да го нарушите здравјето. Затоа, за кожата побрзо и поефективно да потемне, искористете го овој стар трик кој не излегува од мода: во маста или течноста за сончање ставете екстракт од орев – за тело, а за лицето употребете дневна крема со неколку капки сварен чај од билки.
Изгореници
Ако не преземете мерки за заштита на кожата од сонце, се доведувате во опасност да добиете болни изгореници, а дури и топлотен удар или сончаница. Изгорениците се јавуваат во форма на отоци и црвенила на кожата. За да ги спречите болките и лупењето на кожата кај лесните изгореници, на местата каде што е изгорена кожата нанесете бадемово или маслиново масло. Кај посериозните изгореници, нанесете облоги од кисело млеко или облоги од рендан морков со маслиново масло.