Свети Трифун е православен празник кој им дава на лозарите надеж за добра берба и род и дека виното што ќе произлезе ќе биде квалитетно. Овој ден исто така означува дека опасноста од измрзнување поминала, иако подоцна во месец април има можност од слана. Винариите, лозарите, семејствата каде што постои традиција на закројување на лозјето го прават адетот, но и прославуваат преку богата гозба, вино и музика.
Православната црква го чествува денот на св. Трифун на 1 февруари. Меѓутоа според грегоријанскиот календар, неговиот ден се празнува на 14 февруари од страна на лозарите и винарите, кои веруваат дека ќе го заштити лозјето од суши и мраз и ќе донесе голем род.
Кој е Свети Трифун?
Свети Трифун е христијански светец кој е роден околу 225 година во селото Кампсада во Мала Азија. Уште од раното детство, тој се сметало дека поседува чудотворна моќ над болните. Така, бил повикан од римскиот цар за да ја излечи неговата ќерка и откако го направил тоа, Трифун бил богато наградуван и богатството го разделил на сиромашните и бедните.
Според легендата, еднаш, по молитвите на свети Трифун биле спасени од глад жителите на Кампсада. Таму се појавиле инсекти што ги јаделе житните растенија, лисјата на дрвата и на сите растенија. Свети Трифун, исполнет со тага поради ваквата несреќа на народот, ги кренал рацете кон Господа, молејќи го да испрати свој ангел за да ги порази штетните инсекти; притоа светиот маченик и самиот ги заколнал инсектите да се оддалечат на недостапни места, погодни за нивно живеење.