Витамините се неопходни за правилно функционирање на човечките органи и учествуваат во сите биохемиски процеси во организмот. Се нарекуваат исто така и микрохранливи материи, бидејќи се потребни во многу мали количества. Со мал број исклучоци, организмот не создава микрохранливи материи, туку ги добива преку исхраната. Затоа Ви ја претставуваме листата на витамини во исхраната кои се сметаат неопходни за човековото здравје:
Биотин (витамин Б7, витамин Х)
Заедно со другите витамини од групата, биотинот помага при преобразување на храната во енергија и е неопходен за синтеза на јаглехидратите, белковините и масните киселини. Биотинот игра важна улога за здрава коса, кожа и нокти. Продукти кои изобилуваат со биотин се: сирење, лосос, соја, бубрези, сончогледови семки, ореви, брокула и компир.
Фолна киселина (витамин Б9)
Фолната киселина е важна состојка на РНК и ДНК – генетскиот материјал што го контролира растењето и обновувањето на клетките. Затоа фолната киселина го поттикнува дејствувањето на имунолошкиот систем и игра важна улога во здравјето на нервниот систем, крвта и слузницата. Извори на фолна киселина се: џигерот, авокадото, репката, целерот, јајцата, рибите, мешунките, зелениот зеленчук, оревите, семките, грашакот, сокот од портокал и житните растенија.
Нијацин (витамин Б13)
Нијацинот учествува во над педесет важни процеси во организмот. Помага во работата на системот за варење, во процесот на создавање црвени крвни зрнца и во неутрализирање на нивото на шеќер во крвта. Исхраната богата со нијацин се состои од животинско месо, немасно месо, путер, кикирики и брашно.
Бета-каротин и ретинол (витамин А)
Витаминот А е неопходен за добар вид, за здрава коса и кожа, за системот за дишење и за варење. Исто така е неопходен за правилно растење и развој на коските и забите. Витаминот А се наоѓа во портокалите, жолтото овошје и зеленчук, кељ, млеко, павлака и црн дроб.
Рибофлавин (витамин Б2)
Учествува во создавање на црвени крвни зрнца и хормоните на штитната жлезда; неопходен е за работа на нервите, очите и набубрежната жлезда. Продукти богати со рибофлавин се: соја, тофу, брокула како и јајцата и бадемите.
Пантотенска киселина (витамин Б5)
Витаминот Б5 се наоѓа во изобилство кај внатрешните органи, темното месо од мисирка, пивски квасец, кафеав ориз, леќа, грав и грашак.
Пиридоксин (витамин Б6)
Здравата исхрана на повеќето луѓе им обезбедува доволно количество на витамин Б6. Месото од живина, кафеавиот ориз, бананите, пченката, оревите и авокадото се богати состојки со витамин Б6.
Кобаламин (витамин Б12)
Витаминот Б12 не се наоѓа во растенијата, туку го добиваме од производите од животинско потекло како риба, јајца, внатрешни органи и млечни производи.
Аскорбинска киселина (витамин Ц)
Витаминот Ц е силен антиоксиданс и регулатор на имунолошкиот систем, а се наоѓа во пиперките, агрумите, шипките, јагодите, брокулата, дињата, доматите и зелениот зеленчук.
Витамини Д и Е
Витаминот Д помага во контракција на мускулите и работата на нервите, а витаминот Е е неопходен за нормална работа на ендокриниот систем и половите жлезди. Растителните масла, оревите, темнозелениот листен зеленчук и морските плодови се богати со витамин Е, додека витаминот Д е застапен кај млечните производи и масните риби.
Витамин К
Витаминот К постои во два природни облици, а за ресорпција му е потребна маста од храната. Цревните бактерии создаваат половина од количеството на витаминот К што му е потребно на организмот, а остатокот го добиваме од храната. Продукти богати со витамин К се: спанаќ, зелка, репка, зелен чај, сирење и зоб.