Занимливости
Велигденските пости – Велика недела

Од вториот век по Христа почнува да се празнува најстариот христијански празник – Велигден, Денот на Христовото воскреснување, и тоа како најголем празник на христијаните. На Велигден му претходат долгите (Велики) пости, кои траат седум недели, без да се сметаат Сиропусната недела, која е една недела пред Прочка и Месопусната недела, која е една недела пред неа. Се смета дека постот е установен уште во апостолските времиња, што значи дека на самиот зачеток на христијанството, за да биде оформен во четвртиот век, на начин што е зачуван до денешни дни.

 

Долгиот строг пост „на вода“, како што се нарекува во народот, има цел христијаните да се подготват за достоинствено прославување на својот најголем празник. Притоа се одбегнува обилна и пред се, мрсна храна и преку самоодрекување и самоконтрола на телесните задоволства луѓето со страдање му се доближуваат на својот Спасител. По причестувањето, рано наутро на Велигден, кој секогаш се слави во недела, тие се идентификуваат со Исус Христос јадејќи нафора, која го симболизира Христовото тело, и пиејќи црвено вино, кое е симболичка претстава на Христовата крв.

 

Суштината на постот е веројатно во монашкото однесување – корка леб и вода. Ова особено се однесува на последната недeла од велигденските пости, наречена Велика недела, при што, пак, имињата на деновите во неделата го добиваат предзнакот Велики/ка. Според Јован Златоуст, оваа недела е велика не затоа што деновите се поголеми, туку затоа што во неа Господ направил велики дела.

 

Меѓу најзначајните активности во Велика недела, во која навлегуваме од Велики понеделник, се подготовката и чинот на вапцување на јајцата. Обичаите и верувањата поврзани со јајцето веројатно потекнуваат уште пред Христа. Преданијата велат дека црвените јајца и поздравот „Христос Воскресна“ прва ги установила Марија Магдалена.

 

Во рамките на последните подготовки за празникот во време на Велика недела, веќе на Велики вторник јајцата се подготвуваат за вапсување. Се одбираат свежи јајца, се пребројуваат и се планираат според бројот на членовите на семејството, вклучувајќи ги и оние што се отсутни од домот.  Во некои краишта подготовките продолжуваат и за време на Велика среда, кога се мијат и се бришат јајцата, се подготвува бојата и се покиснуваат.

 

Главниот обичај на Велики четврток е вапсувањето на велигденските јајца. Јајцата ги вапсува домаќинката рано в зори пред изгрејсонце, со што се верувало дека јајцата нема да засмрдат. Доколку јајцата се вапсуваат и пред биењето на камбаните, се верувало дека тие ќе бидат поцврсти во чинот на кршењето. Се верувало и дека домаќинката треба да има каснато барем еден залак леб пред вапсувањето за да не ја разбие јајцето, па таа да се разболи или да стане несреќна.

 

Најпрвин се вапсуваат три јајца: првото за Господ, второто за главата и семејството и третото за бериќет. Се верува дека првото јајце има магиска моќ и дека заштитува и чува од болести, не се расипува и неколку години не засмрдува.

 

Јајцата се вапсуваат во различни бои, некогаш се избегнувала жолтата боја бидејќи потсетувала на еврејство и се сметало дека вистинските се само црвените јајца.

 

На Велики четврток, понекаде е обичај да се јаде бесквасно подготвен зелник. Велики петок се смета за најтежок празник во годината и освен што ништо не се работи, не се ни јаде. Некои луѓе не јадат ништо цел ден, дури и не пушат цигари и не пијат кафе, некои јадат малку, сочувствувајќи со страдањата на Христос, а некои во црква се гостат со леб, сол и црвен пипер.

 

На Велика сабота по полноќ, по обиколката на црквата со песната „Христос Воскресна“ и по литургијата, верниците се причестуваат, се кршат со црвените јајца и се омрсуваат.

 
User registration is not enabled

Најави се

Како регистриран корисник ќе можете да: