Готвењето на сол е една од најстарите техники за готвење што постојат, а сепак сè уште е многу актуелна и употребувана денес.
Доколку одлучите да ја подготвите храната преку готвење на сол, значи дека сте одбрале пред сè да не додавате дополнителни масти и калории. Со овој метод, всушност, храната може да се приготви многу лесно, а сепак вкусно.
Главните јадења што се приготвуваат со оваа техника на готвење се риба, месо и морска храна, а прочитајте понатаму како се одвива тој процес.
Каков е методот на готвење на сол?
Како што споменавме претходно, готвењето на сол е многу едноставен метод за кој во исто време не е потребно додавање на други состојки (основната состојка е, се разбира, солта). Храната приготвена на овој начин е нискокалорична и лесна за јадење.
Месото или рибата мора да биде целосно покриена со сол, така што ќе се формира тврда кора што ќе може да ги задржи течностите без да испарат. Токму со овој спор премин на топлина, храната што се подготовува нема да биде никогаш сува, напротив – резултатот е секогаш сочно месо или риба.
Како да готвите на сол?
Најпрвин бидете сигурни дека храната што ја користите е многу свежа. Ако приготвувате риба на сол, почнете со чистењето на рибата, но никогаш не ја лупете кожата и крлушките. Секогаш употребувајте крупна, морска сол.
- Прв чекор: Ставете 2 см слој крупна сол во тавата.
- Втор чекор: Легнете ја рибата или месото врз солта во тавата.
- Трет чекор: Покријте ја целосно храната со дополнителна сол.
- Четврт чекор: Префрлете го садот во рерна на температура од 180/200 ° C.
Рибата на сол вообичаено се пече половина час, додека месото се пече околу еден час или повеќе. Пилешко со сол, на пример, се готви за околу 1 час и 30 минути.
Откако ќе се испече (важи и за месо и за риба), оставете ја да одмори 5-10 минути, со помош на кујнски чекан искршете ја кората сол, излупете ја кожата, па потоа послужете.
Дали храната приготвена на овој начин е пресолена?
Ако мислите дека јадењето со овој метод ќе биде пресолено – грешите. Затоа напоменавме дека не треба да се отстранува кожата на месото или на рибата кога се готви на сол, бидејќи доколку внатрешниот дел не е во контакт со солта, не постои никаков ризик да јадењето ви испадне пресолено. Напротив, ќе биде многу посочно и помеко откако ќе ја отстраните кората сол што настанува при печењето.
Дополнителни методи на готвење на сол
Иако стандардниот начин на готвење на сол не бара други состојки освен сол, сепак постојат некои варијанти.
Многу луѓе додаваат бело вино, билки, па дури и матени белки од јајце заедно со солта во тавата. Мала комбинација со солта оди одлично и со месо и со риба.
Добар апетит!