Уживате во пиците и понекогаш сакате да ги подготвите и дома. Меѓутоа никако не успевате да ги погодите онакви какви што сте се навикнале да ги јадете во пицериите – пред сè сочни. Па можеби сте помислиле дека проблемот е тестото што сте го подготвиле и затоа пицата почесто ја припремате со готово тесто. Но ефектот останува ист – пицата се исушила уште пред да ја извадите од рерна.
Печењето е основен чекор кон добра пица: треба да трае до 20 минути во веќе загреана рерна на 250 степени. Но важно е и да се расука тестото во соодветна дебелина (ако е премногу тенко ќе се исуши, но не е добро ни премногу дебело) и да се употребат суви домати, моцарела и други состојки без течност бидејќи во спротивно тестото ќе ја впие течноста и нема добро да се испече.
Ви предлагаме да следите неколку наши совети и конечно да уживате во одлична домашна пица!
1. Ставете го тестото врз рамна површина и започнете да го сукате во вид на правоаголник што ќе биде малку поголем од тавата во која ќе ја печете пицата. На крајот тестото треба да биде дебело 5 мм. Доколку се лепи, посипете го со малку брашно.
2. Не употребувајте премногу масло за мастење на тавата. Ставете само малку масло врз хартија и протријте ја тавата. Доколку ставите многу масло, долниот дел од пицата ќе го апсорбира и на тој начин ќе стане најнапред крцкав, а потоа на крајот од печењето ќе стане тврд.
3. Потоа тестото завиткајте го врз сукалото и со негова помош ставете го во тавата. Добро притиснете го тестото во ќошовите од тавата и малку подвиткајте ги рабовите.
4. Доколку доматите се од конзерва, добро исцедете ги од течноста. Ако се свежи, исечете ги на половина и отстранете ги семките и течноста. Моцарелата (или друг вид сирење) исечете ја и оставете ја да отстои во цедилка (или истапјакте ја со хартија). Добро исушете ги и маслинките, каперите или сардините. Користете салами или колбаси исечени на не премногу големи парчиња.
5. Тавата ставете ја во средината на веќе загреаната рерна. Доколку вашата рерна премногу се загрева на долниот дел, на дното од рерната посипете еден слој крупна сол со дебелина од 1 цм. Ако пак јадењата премногу ви се сушат во неа, ставете еден сад со вода на дното од рерната.
6. Доколку пицата се олади, немојте да ја подгревате. На тој начин таа уште повеќе ќе се исуши. Во тој случај најдобро е да ја јадете на собна температура. Се разбира одлична е и таква.